ССНМ и ЗНМ со осуда за серијата откази во Макфакс, Репортер, УСБ и Топ Спорт

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) соопштија дека со огорченост ја примиле веста за тековна постапка на отпуштања во една од најголемите медиумски групации во Македонија, „Клип медиа груп“ особено што, како што велат, најголем дел од нив се спроведуваат без никаква основа, со непочитување на основните работнички права и со нарушување на повеќе членови од Законот за работни односи.

„ССНМ и ЗНМ ја алармираат јавноста, државните органи и пред се, медиумската популација за чинот кој е нехуман, нечовечки и потсетуваат дека истиот тргна со принуда и со понижувачки понуди за работниците, а по реакцијата на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници беше изменет во, за нијанса, подобри услови. Отпуштањата по кратка постапка во неколкуте релевантни медиуми (Макфакс, Репортер, УСБ, Топ Спорт) ќе ги стави колегите и колешките новинари и медиумски работници во крајно неповолна положба и ќе ги усложни состојбите во оваа професија и тоа во ситуација кога во земјава има недостаток на кадар за медиумите. Предупредуваме дека ова ќе се одрази и на интересот на младите да се занимаваат со новинарство, камера, монтажа и се што е неопходно за функционирање на медиумите“, велат медиумските организации во заедничката реакција.

Оттаму велат дека не ја спорат определбата на сопствениците да реструктуираат и да ги трансформираат своите изданија, но предупредија дека тоа мора да оди по строго утврдени правила и критериуми, и согласно законите.

„Во исто време ваквите итни постапки и групни отпуштања создаваат лоша клима во медиумската сфера и ќе остават последици за сите, па и за споменатите медиуми односно нивните сопственици“, додаваат организациите.

Од ССНМ и ЗЗНМ велат дека ваквата постапка на раководството на „Клип медиа груп“ е во спротивност на нивните стратешките определби кои имаат за цел ваквиот начин на неиздржано менување на персоналот по брза постапка да биде, како што додаваат, засекогаш искоренет во земјава.

Оттука, тие посочија дека даваат целосна поддршка за колегите, и посочија дека ним на располагање ќе им бидат ставени сите ресурси што ги имаат Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Здружението на новинари на Македонија.