ССНМ и ЗНМ со осуда за етикетирањата на новинари и медиуми

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изразуваат сериозна загриженост и најостра осуда на зачестените јавни напади, дисквалификации и етикетирања на новинари и медиуми од страна на политичката партија СДСМ.

Последниот таков случај се однесува на јавното таргетирање и етикетирање на телевизијата Алфа преку партиски соопштенија и јавни изјави, што претставува директен притисок врз медиумот и неговите новинари.

Во изминатиот период, преку соопштенија на партиски ограноци, како и преку јавни изјави на лидерот на партијата и други високи партиски функционери, се забележува континуирана практика на таргетирање на новинари и медиуми со што се создава непријателска атмосфера кон медиумските работници, се вели во соопштението на двете организации.

Јавното етикетирање и дискредитирање на новинари и редакции од страна на политички субјекти носи ризик од дополнителна стигматизација и може да охрабри понатамошни притисоци и напади врз медиумските работници. Апелираме дека политичките партии не треба на ваков начин да комуницираат со медиумите и новинарите. Ваквиот тип на политичка реторика и конфронтација е неприфатлив кога е насочен кон медиумите. Медиумите не се и не смеат да бидат третирани како политички опоненти. Тие треба да бидат оставени слободно и без притисоци да ја извршуваат својата автономна новинарска улога, во интерес на јавноста и демократските процеси.