ССНМ и „Еднаква“: Новинарките известуваат, не можете да ги замолчите

ССНМ и Женската медиумска мрежа „Еднаква“ по повод Меѓународниот ден на жената ја истакнуваат улогата на новинарките во одбраната на јавниот интерес и потребата од поголема родова еднаквост во медиумската индустрија. Тие се приклучуваат на меѓународната кампања „Тие сепак известуваат, не можете да ги замолчите“, повикувајќи на поддршка и заштита на жените во медиумите, се вели во соопштението од ССНМ. 

ССНМ и Женската медиумска мрежа „Еднаква“ по повод Меѓународниот ден на жената ја истакнуваат улогата на новинарките во одбраната на јавниот интерес и потребата од поголема родова еднаквост во медиумската индустрија. Тие се приклучуваат на меѓународната кампања „Тие сепак известуваат, не можете да ги замолчите“, повикувајќи на поддршка и заштита на жените во медиумите, се вели во соопштението од ССНМ.

„На Меѓународниот ден на жената, кога ја истакнуваме посветеноста на жените во сите сфери на општеството, ние од ССНМ и Женската медиумска мрежа „Еднаква“ ја потенцираме улогата на жените во медиумите со акцент на потребата од родова еднаквост која сè уште е актуелна.

Новинарките и сите работнички во медиумската индустрија во Македонија се приклучуваат на кампањата на Меѓународната федерација на новинари под мотото „Тие сепак известуваат, не можете да ги замолчите“ со која на колешките им се порачува дека нивната улога е круцијална. Низ целиот свет, па и овде, жените во медиумите одбиваат да бидат замолчени и продолжуваат да известуваат за вистината одговорно и во јавен интерес, а ние го славиме нивниот придонес.

На овој ден застануваме во заштита на најхрабрите, најодговорните, правдољубивите жени. Ја потенцираме важноста на новинарките, на снимателките, монтажерките, лекторките и сите кои се дел од медиумската гранка. Оние кои продолжуваат да ја известуваат јавноста и покрај заканите, притисоците, навредите и заплашувањата.

Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), Женската медиумска мрежа „Еднаква“ и Меѓународната федерација на новинарите бараат правда за сите свои колешки кои биле цел на притисоци, закани, навреди и напади, само затоа што си ја работеле својата работа. Затоа, на овој датум ги славиме новинарките кои ги посветуваат своите животи на борба против неказнивоста, повикување на одговорност на властите и стремежот кон целосно отворено и информирано општество.

Денес, кога сме сведоци на сѐ поголемо насилство врз жените кои остануваат без институционална заштита, ССНМ и „Еднаква“ ги повикуваат сите свои членки и приврзанички да се приклучат на Осмомартовскиот протест, кој ќе се одржи во недела, 8 март, во 12.00 часот во Скопје, во паркот „Жена-борец“, се вели во соопштението од ССНМ..