ССНМ бара препораките за заштита од топлотниот бран да важат и за новинарите и медиумските работници

Новинарските екипи да не се испраќаат на терен ако нема услови за заштита од топлотен бран, а политичарите да избегнуваат организирање настани на отворено и случувања кои бараат подолг престој на простор со високи температури – препорачува Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

Сопствениците, менаџерите и уредниците на медиумите да не ги испраќаат своите екипи на терен ако не се создадени услови со кои ќе ги заштитат од топлотниот бран, апелира Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) во ек на топлотниот бран со температури кои надминуваат 40 Целзиусови степени.

ССНМ дополнително апелира политичките и општествените чинители да избегнуваат да организираат настани на отворено и случувања кои бараат подолг престој на простор со високи температури.

„Предлагаме настаните предвидени од претходно да се ревидираат, да се намалат или да се преместат на локации на кои има услови за работа на медиумските екипи“, велат од ССНМ.

За време на новинарските известувања во живо, како што велат од Синдикатот, новинарите и медиумските работници треба да бидат соодветно опремени од страна на медиумите каде што работат, да им се обезбедат превоз и освежување со цел да се избегнат ситуации во кои би било загрозено нивното здравје. Од ССНМ бараат и соодветна заштита за новинарските екипи кои теренски известуваат за пожарите во државата.

„Да им бидат обезбедени маски и заштитни очила, а медиумите да се трудат да испраќаат замена за репортерите на пократки временски периоди, особено кога станува збор за опасни ситуации во кои од пожарите се шират отровни гасови“, додаваат од Синдикатот.

Предупредуваат дека ќе реагираат до надлежните институции за сите случаи во кои ќе бидат нарушени основните услови за работа на новинарите, снимателите, фоторепортерите и сите ангажирани во процесот на известување.