ССНМ бара минималната новинарска плата да се изедначи со примањата на новинарите од регионот

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници смета дека е неопходно зголемување на минималната плата, бидејќи моменталната висина е недостојна за пристоен живот на работниците, меѓу кои и на новинарите и медиумските работници.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници смета дека е неопходно зголемување на минималната плата, бидејќи моменталната висина е недостојна за пристоен живот на работниците, меѓу кои и на новинарите и медиумските работници. Од организацијата посочуваат дека Владата и синдикатите преговараат за финансиска иднина на работниците, во која новинарите и медиумските работници не смеат да бидат одминати.

Последната опсежна анкета на ССНМ објавена во јануари минатата година покажа дека во медиумите повеќе од 50 проценти од вработените имаат примања под просечните, а голем дел од вработените се зависни од висината на минималната плата пропишана со закон.

„Со оглед дека платите во медиумскиот сектор речиси и да не поместени од мртва точка во изминатите две години може слободно да се каже дека три четвртини од ангажираните во медиумите сега се под просечната плата, а се повеќе се зголемува бројот на оние кои се на минимална плата. Поради фактот дека голем дел од вработените во медиумите се директно поврзани со висината на минималната плата, ние како легитимен претставник на работничките права на новинарите и медиумските работници, бараме што е можно побрзо нејзино покачување“, велат од ССНМ.

Социјалниот статус на новинарите и медиумските работници во земјата е на многу ниско ниво, а праксата досега покажала дека тој директно влијае врз степенот на мотивација, професионалност и посветеност што не смее да биде под знак прашање за тие што водат сметка за јавниот интерес во државата. Од ССНМ велат дека во оваа професија неретко се случува луѓето да бидат истовремено ангажирани на повеќе работни места, за што пример се локалните медиуми, во кои вработените често се ангажирани и на по три работни позиции, најчесто на минималец, кој е, како што велат, под секое ниво за достоинствен живот.

„Како Синдикат на новинарите и медиумските работници кој претставува голем дел од вработените во овој сектор, бараме и очекуваме од Владата и работодавците решение кое е во согласност со потребите на нашето членство, што би значело висина на минималната плата на ниво на платите на колегите од земјите од регионот. Пристојни плати на новинарите и медиумските работници значат и професионално новинарство, независно од центрите на моќ, и чувар на јавниот интерес и слободата на медиумите и изразувањето, велат од Синдикатот.