ССМ ја тужи Владата зашто не ги усогласи платите со порастот на минималецот

Поради неусогласување на платите со порастот на минималната плата, Сојузот на Синдикатите на Македонија по долго предупредување поднесе тужба против Владата.

Од таму за тв Алфа изјавија дека се уште не ја добиле тужбата.

ССМ, пак, предупредува – ако битката не ја добијат пред домашните судови, одат во Стразбур.

„Како Сојузот на синдикатите на Македонија поднесовме тужба против Владата поради тоа што со непостапување беа дискриминирани голем број на вработени во јавниот сектор, но и во приватниот. Неусогласувањето на колективните договори со Законот за минимална плата, односно одбивањето на Владата да се вклучи во суштествен социјален дијалог за зголемување на останатите плати пропорционално со зголемувањето на минималната плата е причина и за генерален штрајк во цел јавен сектор кој веќе трет месец. Владата добро знае дека е должна да постапи и да го примени член 8 од Законот за минимална плата и да ги зголеми платите за износот утврден во последното зголемување на минималната плата за сите вработени во јавниот сектор без дискриминација“ изјавил за телевизијата претседателот на ССМ, Дарко Димовски.

Додека Владата ја чека тужбата, не кажуваат кои конкретни чекори ќе ги преземат во меѓувреме.

„До владата до сега не е пристигната тужбата, оттаму не сме запознаени со содржината. Во однос на другите прашања, како што работниците во одредени сектори добиваат повисоки плати, така, соодветно, штом заврши започнатиот процес за утврдување на методологијата за пораст на плати во јавниот сектор, ќе добијат повисоки плати и одржлив механизам за натамошни усогласувања“ информирале од Владата.