ССМ: На едно четиричлено семејство со две минимални плати му недостигаат речиси 300 евра за да го преживее месецот

Точно 57.476 денари е минимумот потребен на четиричлено семејство за да го истурка месец февруари, покажуваат пресметките на Сојузот на синдикати.

Тоа значи дека на семејство каде двајцата родители се со минимален доход ќе им недостасуваат речиси 17.500 денари.

Доколку семејството живее под кирија оваа сума драстично се зголемува и тогаш синдикалната кошница за месец февруари изнесува 72.851 денар, сума кој едвај може да се покрие доколку двајцата родители се со просечна плата од по 38.000 денари

Споредено со минатиот месец, синдикалната кошница е зголемена за 313 денари без, и 213 денари со стан по кирија.

Најголема ставка се храната и пијалаците – 21.219 денари а потоа се образованието со 7.022 денари и режиските трошоци со 6.014 денари. За транспорт месечно четиричлено семејство треба да издвои 4.956 денари, а за рекреација и култура 4.245 денари. За двете ставки, лична хигиена и хигиена во домот, односно за здравје, треба да се одвојат вкупно 2.912 денари.

Методологијата за пресметување на синдикалната кошница, која во изминатите десетина години често беше оспорувана, од Владата и надлежените во декември минатата година претрпе измени, а пресметките и анализите за висината на минималната синдикална кошничка ги изработија двајца поранешни министри за финансии, Никола Поповски и Драган Тевдовски.