ССМ повикува и поведува штрајк за да ги заштити економските и социјалните права на своите членови и на вработените во јавен сектор од работниот однос. Оттаму соопштија дека штрајкот е најавен за 22. јуни, а рокот за исполнувања на нивните барања е до 21. јуни оваа година.
Штрајкот се организира за заштита на економските и социјалните права и остварување на следните барања од работен однос – склучување на Општ колективен договор за јавен сектор со утврдено зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 2.806 денари во нето износ, согласно зголемувањето на минималната плата објавена во службен весник од 24 февруари 2022 година и утврдено право на регрес за годишен одмор во висина од 30 до 100 проценти од основицата.
Како што посочуваат од ССМ, одлуката за повикување и поведување на штрајк заедно со писмена најава за штрајк е доставена до Владата, Собранието и градоначалниците во насока на писмено најавување на штрајкот согласно Законот за работните односи.
Штрајкувачите ќе штрајкуваат на своите работни места. Не се исклучува можноста штрајкот да се одвива и преку изразување на разни форми на работничкото незадоволство и синдикален притисок.