ССМ: Минималните трошоци за едно семејство во август биле 48.234 денари

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) информира дека последните податоци од синдикалната минимална кошница покажуваат дека во август на едно четиричлено семејнство кое живее во дом од 50 метри квадратни и не поседува автомобил само за овозможување на основните продукти за живот му биле потребни 41.295 денари, а кога истата ќе се зголеми за 16.8 отсто инфлација или 6.937 изнесува 48.234 денари.

Од ССМ информираат дека во пресметката не е ставен трошокот за еден ученик за набавка на потребните материјали за почетокот на учебната година, кои според пресметките на ССМ изнесуваат околу дополнителни 6.000 денари.

„Според податоците, само за храна и пијалоци во која се вклучени 63 производи, кои не ги изразуваат целосните потреби за исхрана, туку ги изразуваат можностите, навиките и традицијата во исхраната, а вредноста на истите не се зема како просечна, туку како минимална вредност, биле потребни 18.324 денари или за 324 денари повеќе од минималната плата“ објавија од ССМ на Фејсбук.

Домувањето има две подгрупи, велат од ССМ, комунални трошоци, со пет елементи, и покуќнина, опрема за куќа и одржување, што ќе се следи преку 13 добра и за овозможување на истото биле потребни 12.493 денари.

Според ССМ и хигиената има две подгрупи – личната хигиена со седум производи и хигиената на домот, исто со седум производи.

Овие ставки се искажани по минимум количини по најниски цени и за истото биле потребни 2.808 денари.

„За превозот се вклучени минимални изразени трошоци, односно два месечни билети за превоз, работнички и ученички или студентски и се потребни 3.600 денари. Во авуст, 2.197 денари биле потребни за облеката и обувките вклучуваат набавка на по едно парче облека и обувки за секој член на семејството по сезони“ велат од ССМ.

Во пресметката за култура се вклучени трошоците на три производи, и тоа еднаш месечно одење во кино и редовно купување на еден неделен и еден дневен весник и биле потребни 1.067 денари.

За одржување на здравјето со вклучени основни трошоци за лекарства (парацетамол, аналгин, кафетин и сл.), без лекарствата за хроничните болести биле потребни 786 денари.

Од друга страна, како што посочуваат од ССМ, трошоците за рекреација, образование, хотели и ресторани, семејни прослави, не се вклучени, не затоа што не се потребни, туку затоа што во кошницата се пресметуваат само неопходните трошоци, па доколку се пресметуваат и овие трошоци вредноста на истата би била многу повисока.