ССМ го блокираше Собранието, бара минимална плата од 600 евра и зголемување на сите останати плати за 6.000 денари

Сојузот на синдикати денеска ја реализираше првата од најавените таргетирани блокади што ќе ги спроведе во следните денови барајќи зголемување на минималната плата на 600 евра и на сите останати плати за 6.000 денари. До почетокот на собраниската седница беа блокирани влезовите на македонското Собрание затоа што, како што беше кажано, пратениците повеќе од една година не ги носат измените за минималната плата и остануваат имуни на најновата иницијатива на ССМ за намалување на функционерските плати за 80 проценти.

– Денешниот ден треба да ги засрами сите, а најмногу оние 120 избрани пратеници. Мислам дека токму денеска на седницата која ќе ја имаат треба да предложат зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати работнички плати за најмалку 6.000 денари или за разликата од претходната минимална плата и новата минимална плата која ќе ја изгласаат, изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Доколку тоа не го сторат, ССМ најавува собирање на 10.000 потписи со кои ќе станат овластен предлагач и ќе побара намалување на функционерските плати.

– Не осудуваа дека иницијативата на ССМ за намалување на нивните плати за 80 проценти била неуставна, затоа што ќе дошле на минималец. Прашуваме јасно и гласно како тоа ако ги намалат за 9,2 проценти коефициентите ќе биде уставно, а неуставно ќе биде да ги намалат за 80 проценти нивните коефициенти, да ја променат нивната основица со минимална плата наместо сегашната просечна плата, рече Трендафилов.

Синдикатот, како што посочи, ќе продолжи со таргетираните блокади на кои согласно закон не се потребни многу луѓе. Во четврток ќе биде блокирана Стопанската комора, а следниот вторник Владата.

– На 28 јануари, на големиот работнички протест, кажавме дека тој е само почеток. Кажавме дека ќе правиме таргетирани блокади, за кои се потребни многу малку луѓе. Согласно Законот за јавни собири, потребни се 21 човек на улица за да се блокира одредена институција. Тоа ќе го правиме и наредните денови. Веќе во четврток ќе го блокираме приодот до Стопанската комора, а наредниот вторник, кога Владата ќе има седница, ќе ја блокираме и Владата, рече Трендафилов.

Синдикатот не ја исклучува можноста и за организирање генерален штрајк. Нивните барања за зголемување на минималната и на сите останати плати ги темелат на растот на животните трошоци и на растот на синдикалната потрошувачка кошница.