ССМ бара одговорност од Врховниот суд ако е точно дека донел одлука за одземање на Работничкиот дом

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, денеска на вонредна прес-конференција соопшти дека според неофицијалните информации што ги има ССМ, Врховниот суд донел пресуда со која се одзема зградата Работнички дом во Скопје, која од почетокот на нејзината изградба во 1958 година е во сопственост на Сојузот на синдикати на Македонија.

Вели дека Домот бил граден со средства на работниците во 1958 година врз основа на договор и одобрение за градба. Од 1992 година наваму, пак, како што додава претседателот на ССМ, имало многубројни обиди за Работничкиот дом да се приграби во интерес на елитите, но, како што вели, аргументите во сите постапки кои се воделе изминатите години биле пресилни за одземање на имотот.

„Врховниот суд кој е највисоката судска инстанца во државата, која со таквата одлука не може да биде оспорувана во домашното законодавство туку само надвор, донел некоја пресуда со која ги поништува сите постапки од 1992 година започната од тогашните влади, функционери и правобранители кои се во име на ССМ врз основа на целокупните аргументи. Повеќе од 15 судски пресуди, од кои шест само во последниот случај од 2005 година до денес, повеќе од 15 решенија на управни институции на управни органи, Судот преиначува, поништува и кажува дека поради претпоставка дека синдикатите во тој систем не можеле да располагаат со толкави средства, поради претпоставка дека одлуката е повисока од Уставот на државата и во тој систем и денеска, и поради тоа што денешните судии кои претседавале со советот во Врховниот суд кои тогаш не биле родени или биле во пелени, одлучуваат на каков начин одлучувале тогашните органи на таа држава во која Македонија била дел. Сме успеале да го зачуваме имотот на работниците, за возврат на тоа што сме се бореле Врховниот суд не спречил општествениот имот на граѓаните и работниците и фирмите да бидат разграбани од олигархијата и тоа што ние успеавме да го зачуваме денеска сакаат да го земат“, изјави Трендафилов.

Доколку ваквата одлука на Врховниот суд, за која ССМ чека официјална потврда, се испостави за вистинита, оттаму најавија дека ќе бараат оставка од претседателката на Судот и од судиите во Советот кои одлучувале по однос на ова прашање. Работничкиот дом, вели претседателот на ССМ, го преживеал катастрофалниот земјотрес во 1963 година, а ќе го преживее и потресот од Врховниот суд кој се обидува да го направи на ваков начин.