ССМ: Алчните продолжуваат да се богатат-минималната кошничка зголемена за 391 денар
Вредноста на синдикалната кошница повторно зголемена. За еден месец се зголемила за 391 денар. За јануари таа изнесува 63.252 денари, а во декември изнесуваше 62.861 денари.
Вредноста на синдикалната кошница повторно зголемена. За еден месец се зголемила за 391 денар. За јануари таа изнесува 63.252 денари, а во декември изнесуваше 62.861 денари.
Според претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, загрижува тоа што е зголемена вредноста на храната и пијалоците за најмалку 10 проценти за колку што беше ветувањето на трговците дека ќе ги намалат цените за да им излезат во пресрет на граѓаните за време на новогодишните и божиќните празници.
„Тоа што загрижува е тоа што од почетокот на минатата година до оваа година, односно за 12 месеци, вредноста на кошничката во делот на храната и пијалаците е зголемена за 10,43 проценти. Со последното ненамалување на цените од страна на овие алчни трговци произлегува дека вредноста на кошничката во овој дел е зголемена за најмалку 20 проценти имајќи ги предвид зголемувањето од 10 проценти и ненамалувањето од 10 проценти. Ако ги соберете сме посиромашни за најмалку 20 проценти“,изјави Трендафилов.
Тој вели дека инфлацијата во земјава не може да изнесува 3,5 отсто со оглед на тоа што, како што рече, вредноста на минималната кошничка што ја пресметува ССМ за една година се зголемила за 6 089 денари, односно за 10,65 проценти, што покажува дека инфлацијата се движи далеку над 10 отсто.
„Синдикалната минимална кошничка е можеби единствениот релевантен податок кој го пресметува ССМ кој покажува дека платите мора да се зголемат дури и за најмалку 20 проценти имајќи предвид дека трговците во маркетите секогаш прават тие да се зголемат за најмалку 20 проценти. Сметаме дека нашето барање за раст на платите, вклучително и на минималната, е издржано од овие анализи коишто ги презентираме“,
додаде првиот човек на ССМ.
Трендафилов не ја исклучи можноста ССМ во периодот што следи да преземе поригорозни мерки за подигање на свеста кај граѓаните во однос на акциите што ги преземаат трговците, за кои рече дека се покажале како далеку лош пример за македонската економија со оглед на остварените енормни профити минатата година.
„Оваа година ССМ ќе се погрижи да ги извади сите завршни сметки на овие големи синџири на маркети за да ги презентира пред целокупната јавност за да видат како тие се богатат на грбот на граѓаните. Сметам дека Владата во наредниот период е добро, како што почна во септември, да им ги извади фактурите за набавната вредност на производите кои се увезуваат и да покаже по која цена се увезени, а по која цена се продаваат“,рече тој.
До Владата упати апел повеќе да не ги консултира трговците за мерките што ги носи, за, како што рече, на тој начин да им помогне на граѓаните, а следствено на тоа да ги зголеми платите.
„Можеби се потребни и други мерки од Владата, без најава да креира кошнички без да ги информира, консултира и прашува трговците и можеби и ние како ССМ ќе преземеме поригорозни чекори“, изјави Трендафилов.