Српското Министерство за внатрешни работи ја забрани протестната прошетка на овогодинешниот „Европрајд 2022“, најавена за 17 септември, но истовремено нема да биде дозволена ниту прошетката организирана од десничарската неформална група „Антиглобалисти“ која е против одржување на меѓународниот настан, јави РСЕ.
Десничарската група во два наврати претходно организираше собири против „Европрајд“ во Белград, а истиот протестен собир беше најавен и за денот на Парадата на гордоста. Според Министерството, од безбедносна проценка е утврдено дека постои висок ризик да биде загрозена безбедноста на учесниците и на двете маршрути по најавените правци, но и безбедноста на другите граѓани.
„Проценето е дека постои ризик од напади и конфликти, како и ризик од насилство, уништување имот и други облици на нарушување на јавниот ред во поголем обем“,
соопшти Министерството. во своето објаснување.
Информацијата за забраната на социјалните мрежи ја потврдија и организаторите на настанот.
„Маршот ‘Европрајд 2022’ кој требаше да се одржи во сабота е забранет од полицијата поради закани од контрапротести. Ова е тотален неуспех на политичкото раководство во Србија. Ние работиме со Белград прајн на алтернативни решенија“,
се вели во објавата од организааторот.
Како што соопштија од Белград Прајд на Инстаграм, министерството официјалното решение за забраната им го врачило на организаторите денеска.
„Белград Прајд ќе ги искористи сите расположливи правни механизми за да ја оспори оваа одлука“,
објави Белград Прајд на Инстаграм.
Кристине Гарина, претседателка на ЕПОА, рече дека полицијата чекала последен можен момент за формално да го забрани маршот на Европрајд.
„Секогаш кога ова се случуваше во Белград претходно, судовите ја прогласуваа таа одлука за неуставна. Не може да се дозволи да остане првата забрана за маршот на ‘Европрајд’ и не се сомневам дека судот овојпат ќе го заземе истиот став“, изјави Гарина.
Таа рече дека ниту една земја која се почитува себеси нема да попушти пред насилниците.
„Забраната е залудна. Илјадници ЛГБТИ+ луѓе и нивните сојузници веќе се во Белград за да учествуваат во Европрајд“, рече Гарина.
Таа најави дека ЛГБТ+ заедницата ќе се собере на 17 септември, дури и ако не може да ја одржи прошетката.