
Српски делегат во ПС на Советот на Европа: Во Србија нема граѓанска војна, колку и да ја сакаат некои луѓе
➡ Српскиот претставник во Парламентарното собрание на Советот на Европа, Александар Мирковиќ, остро реагираше во Стразбур на тврдењата на опозициските делегати, нагласувајќи дека протестите во Србија биле насочени кон насилство и уништување на институциите, а не кон дијалог.
Српскиот претставник во Парламентарното собрание на Советот на Европа, Александар Мирковиќ, остро реагираше во Стразбур на тврдењата на опозициските делегати, нагласувајќи дека протестите во Србија биле насочени кон насилство и уништување на институциите, а не кон дијалог.
Мирковиќ потсети дека во претходниот период во Србија се евидентирани повеќе од 24.000 нелегални собири и блокади, околу 800 напади врз просториите на Српската напредна партија и дека се повредени 186 полицајци и 45 пратеници. Додаде дека се евидентирани и 22 напади врз новинари.
-Ова не се мои зборови, ниту само бројки, туку факти што го покажуваат вистинското лице на таканаречените „мирни протести“ во Србија, чија цел е насилно соборување на претседателот Александар Вучиќ, нагласи Мирковиќ.
Тој рече дека е апсурдно што одредени претставници на опозицијата, кои, како што вели, самите го организирале насилството, ја нападнале полицијата и се фалеле со тоа на социјалните мрежи, денес се појавуваат во Стразбур како жртви.
-Дали таквите луѓе би уживале слобода во вашите земји, би седеле во парламентите или би биле членови на оваа институција?, ги праша Мирковиќ своите колеги.
Според него, претседателот Вучиќ постојано ја повикувал опозицијата на дијалог, но тие одбиле, бидејќи, како што истакна, нивната цел не е мир, туку „насилство и хаос“.
Мирковиќ ги отфрли обвинувањата за полициска бруталност, потсетувајќи дека ниту еден демонстрант не бил сериозно повреден, а дека само мал број учесници во немирите се во затвор.
-Ве прашувам: зошто е прифатливо вашата полиција да користи кучиња и водни топови против оние што мирно маршираат, додека српската полиција е осудена дури и кога се брани од камења, стапови и ракети?, истакна српскиот делегат.
Тој заклучи дека во Србија нема да има граѓанска војна и рече дека е горд што е на спротивната страна од оние кои, како што рече, го нарекуваат Косово независно и ја обвинуваат Србија за сè.
-Она што ми е важно е што мислат граѓаните на Србија, а тие ја сакаат политиката на Александар Вучиќ – силна, независна, суверена Србија, во која одлуките се донесуваат преку дијалог, а не на улица или во странски центри на моќ, рече Мирковиќ во Стразбур.