Српската Алта банка блиска до Вучиќ ја купи Стопанска банка Битола

Банката од Белград понуди по 3.777 денари за акција издадена од Стопанска банка Битола. Потребно беше да се продадат најмалку 273.795 акции, односно 70,03 отсто од вкупно издадените 371.538 обични акции со право на глас.

Алта банка од Србија, банка за која тамошните медиуми пишуваа дека му е омилена на претседателот Александар е новиот сопственик на Стопанска банка Битола. Понудата ја прифатиле 262 акционери кои продале вкупно 344.420 хартии од вредност, што претставува 88,09 отсто од акционерскиот капитал.

Во името на Алта банка, известувањето за исходот на понудата за преземање го објави нивниот застапник во Македонија, адвокатот Александар Кралевски.

Банката од Белград понуди по 3.777 денари за акција издадена од Стопанска банка Битола. Потребно беше да се продадат најмалку 273.795 акции, односно 70,03 отсто од вкупно издадените 371.538 обични акции со право на глас.

Банката од Белград, за која тамошните медиуми пишуваа дека е миленик на претседателот Александар Вучиќ, депонираше ококу 22,8 милиони евра (1,403 милијарди денари) на посебна на посебна сметка во Централниот депозитар наменети за преземање на Стопанска банка Битола, односно за сите 371.538 обични акции.

Акционерите имаа време до 10 октомври да одлучат дали своите акции ќе му ги продадат на заинтересираниот купувач по единечна цена од 3.777 денари. Алта банка веќе поседуваше 19.439 од овие банкарски акции или 4,97 проценти.

Понудата ќе се смета за успешна доколку се продадат најмалку 273.795 акции или 70,03 отсто од вкупно издадените, а во овој случај банката дојде до 88,09 отсто од капиталот.

Најголем акционер во банката беше Пелистерка со 16,99 проценти. Со по 4,99 проценти следуваа Никола Јанковиќ, Јовица Ќурќиќ и Тони Јосифовски; а потоа Ненад Јосифовиќ (4,93%), ДПТУУ Тимох (4,86%), ОРКА Холдинг (4,68%), НЕТ-Електроникс Владимир (4,15%) и Скопски пазар (4,10%). Оваа листа произлегува од акционерската книга со датум од први септември.

Пред точно една година, Комерцијална банка сакаше да ја преземе во целост банката од Битола и нудеше по 3.200 денари за акција, но преземањето не беше поддржано од најголемите мнозински акционери.

Економистот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии за „Рацин.мк“ изјави дека преземањето е крајно проблематично поради тоа што Европската централна банка има отворено истрага за можно перење пари.

На прашањето⁠ дали е ова засилување на унгарско-српското влијание во Македонија, тој вели:

-Попрво би кажал дека нашата влада си ја зацврстува позицијата во тимот на Вучиќ и Орбан. Не само идеолошки, туку и во поглед на начинот на владеење и бизнис релациите. Лошото во целата работа е што станува збор за мал и слаб тим, кој не е многу ценет во Европа и светот, а и на кој не му оди баш добро во последно време – поддршката и на Вучиќ и на Орбан е падната драстично, очекувањата се тие да ги изгубат следните избори. Но во Македонија никогаш не се размислувало стратешки, секогаш се гледало само како да се збогатиш преку ноќ додека си на власт, вели Јовановиќ.

„Фокус“ пишуваше неодамна за Алта Банка од Белград чиј сопственик, според пишувањата на српските медиуми, е близок до претседателот Александар Вучиќ.