Учениците кои денеска го полагаат вториот дел од државната матура повторно споделувале тестови по вибер групи. Откако минатата недела беше обзнането дека средношколците го споделувале тестот по македонски јазик, денеска се повторил случајот со тестовите по англиски јазик и математика, вели директорката на Државниот испитен центар, Билјана Михајловска.
Начинот на препишување, според Михајловска, бил идентичен како и минатата недела, односно во вибер група, ученик споделил фотографија од празен тест и барал од останатите членови да му помогнат.
„Овој пат вибер групата англиски имаше три илјади ученици, не знам дали се сите ученици бидејќи и ние бевме дел од таа група. А групата математика околу 300-400 корисници. Не видовме одговори кои би потекнале од кај нас, нешто што е изработено од кај нас, туку на истиот начин, и овој пат беше фотографирано веднаш кога се поделени тестовите, неколку минути пред да почне испитот со таа разлика што овој пат бевме малку поостри во однос на дејствувањето“ – рече Михајловска.
Сите ученици кои фотографиле тестови, кај кои биле пронајдени телефони и кои биле лоцирани со име и презиме од вибер групите, биле отстранети од испитот.
Дополнително, Михајловска информираше и дека во средното училиште „Мирко Милески“ во Кичево, родител на ученик кој бил отстранет од државниот испит поради поседување на телефон, вербално ги нападнал набљудувачите од Министерството за образование и Бирото за развој на образованието.
„Имавме и еден инцидент, во едно училиште влезе родител кој вербално ги нападна набљудувачките кои ги отстраниле двата ученика кои користеле телефони. Побаравме интервенција од полицијата. Побарав да влезе полицијата во објектот, затоа што набљудувачките од МОН и БРО беа исплашени. Родителот е повикан во станица и ќе добие пријава за неовластено присуство во службени простории и пријава за реметење на јавниот ред и мир“ – изјави директорката на ДИЦ.
Матурантите денеска го полагаат вториот екстерен испит од државната матура. Вториот екстерен испит е изборен, а матурантите можеа да избираат кој предмет ќе го полагаат – англиски јазик, математика, германски јазик, француски јазик, естетика, руски јазик и филозофија.
Минатата сабота матурантите го полагаа првиот, задолжителен екстерен испит од државната матура – мајчин јазик (македонски, албански, турски).
Државниот испитен центар (ДИЦ) треба да ги објави резултатите од двата екстерни испита најдоцна до 8 јули.