Средба Путин–Нехамер: Разговорите беа директни, отворени и тешки!

„Разговорите беа директни, отворени и тешки“.

Вака коментираше австрискиот канцелар Карл Нехамер по денешната 90-минутна средба со рускиот претседател – Владимир Путин.

Нехамер вели дека тоа не била пријателска посета и дека целта била да не се остави “непревртен камен“ во барањето крај на конфликтот, или барем хуманитарен напредок за цивилите во Украина.

Тој додаде дека неговата најважна порака до Путин била дека војната мора да заврши бидејќи во војна има само губитници.

„Разговарав за сериозните воени злосторства во Буча и на други места и нагласив дека сите одговорни мора да одговараат“ – откри тој.

Нехамер е првиот лидер на земја од Европската Унија кој се сретна со Путин откако рускиот претседател нареди напад врз Украина на 24. февруари.

Иако Австрија генерално одржува поблиски односи со Москва од другите земји од Европската Унија, тоа не е случај во последно време.

Нехамер изрази солидарност со Украина поради рускиот напад и ги осуди „очигледните руски злосторства“, додека неговата Влада им се придружи на другите земји од ЕУ во протерувањето на руски дипломати.

Нехамер во саботата ја посети Украина.