
Претседателот на Украина – Володимир Зеленски се сретна со американскиот државен секретар Ентони Блинкен и американскиот секретар за одбрана – Лојд Остин во Киев, соопшти неговата администрација.
Тоа е прва средба меѓу Зеленски и американски претставници од почетокот на руската инвазија на Украина на 24. февруари.
„Денес, украинскиот народ е обединет и силен, а украинско-американското пријателство и партнерство се посилни од кога било!“ – напиша доцна синоќа Зеленски на Твитер.
По средбата, Блинкен и Остин објавија дека Вашингтон ќе обезбеди 713 милиони американски долари дополнително воено финансирање за Украина и 15 други европски земји.
Според соопштението, повеќе од 322 милиони долари од овие средства ќе и бидат доделени на Украина, а остатокот ќе биде распределен меѓу земјите од Централна и Источна Европа.
Во саботата, Зеленски рече дека е благодарен за досегашната помош на Вашингтон за Украина, иако сака да употреби потешко и помоќно оружје против руските сили.