Средба на бугарско-македонската Комисија за историски и образовни прашања

Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија денеска ќе одржи средба, најавија од МНР.

Оттаму соопштија за средбата споделувајќи информација дека Димитар Љоровски, историчар и професор во Институтот за национална историја – Скопје, е назначен за нов член на Комисијата.

Заедничката македонско-бугарска комисија за историски прашања на 15. август усвои и објави препораки кои се однесуваат на подобрување на учебниците по историја за 6-то одделение во Северна Македонија и 5-ти клас во Бугарија, како и препораки за заедничко чествување на личности од средниот век – Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самоил. Тие препораки се усвоени од страна на Заедничката меѓувладина комисија формирана согласно со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.

Копретседателот на македонскиот тим во Комисијата, Драги Ѓорѓиев по објавата на препораките, на прес-конференција говорејќи во однос на учебниците, појасни дека се оди на тоа да се менуваат работи кај кои има недоразбирање и кои можат да придонесат за нарушување на односите меѓу двата народа и двете држави, и кои можат кај младите генерации да предизвикаат тензии, омраза итн.