Споделуваме многу повеќе од заедничка граница. Многу од граѓаните на двете земји споделуваат историја, култура, семејни врски и, најважно од сè, заеднички стремежи за просперитет и мир за нашите народи. Разговаравме за начините како да ја продлабочиме економската соработка, како да ги поврземе нашите луѓе и како да создадеме можности за идните генерации кои доаѓаат, изјави премиерот Христијан Мицкоски на заедничката-прес-конференција со неговиот српски колега Милош Вучевиќ.
Мицкоски рече дека разговарале за предизвиците со кои се соочува регионот, и посочиле дека е неопходно „во овие турбулентни времиња, да бидеме заедно, да бидеме глас на разумот и да работиме кон стабилност и безбедност на целиот регион“.
-Ја истакнавме важноста на дијалогот како единствен пат за решавање на спорови и недоразбирања. Во однос на нашите европски аспирации, ја потврдивме заедничката визија дека иднината на регионот е Европската Унија. Знаеме дека патот до таму не е лесен, но веруваме дека со заеднички напори и поддршка можеме да ги исполниме критериумите и да ги донесеме придобивките од европската интеграција на граѓаните во регионот, рече Мицкоски.
Премиерот истакна дека зборувале и во делот за енергетското поврзување на двете земји.
-Со премиерот Вучевиќ зборувавме за енергетското поврзување на двете земји, преку изградбата на гасниот интерконектор кој ќе ги поврзува двете земји. Ние сме сега во фаза на завршување на тендерска постапка со којашто конечно ќе отпочне изградбата на интерконекторот со нашиот јужен сосед, а со тоа ќе обезбедиме дополнителна опција за снабдување на гас на Централна Европа. Овој интерконектор со нашиот северен сосед е исклучително значаен. Во фаза сме да го пуштиме во употреба и продуктоводот, во јавноста познат како нафтовод којшто ја поврзува нашата земја со нашиот јужен сосед. Цениме дека тоа би било добра опција, да истиот тој продуктовод или нафтовод биде поврзан и со нашиот северен сосед и на тој начин да обезбедиме уште еден коридор. Очекуваме до крајот на годината да ја завршиме постапката и на пролет да почнеме да градиме. Финансирањето е обезбедено. Како транзитна држава ќе обезбедиме дополнителна опција на Централна Европа за снабдување со гасот. Очекувам во текот на зимата, Украина да влече големи количества гас, што ќе зголеми цената и затоа развиваме вакви проекти – објасни премиерот Мицкоски.
Според српскиот премиер Милош Вучевиќ, многу значајно решение е изградбата на интерконекторот, што ќе претставува нов пат за снабдување од Грција кон Македонија и Србија.
-Ќе разговараме и за изградбата на нафтоводот, фактот е дека нашите две земји трошат многу струја и треба да се стремиме кон декарбонизација без да ја загрозиме енергетската стабилност, не само за нашите две земји туку и за регионот. На овој начин ќе им обезбедиме стабилност и на стопанствата и на домаќинствата на двете држави – додаде Вучевиќ.
Српскиот премиер од своја страна нагласи и дека Северна Македонија и Србија имаат традиционално добри односи и зборуваше за заедничакта европска иднина на целиот регион.
-Силно го поддржуваме заедничкиот пат. Србија верува во заедничка европска иднина на целиот регион. Даваме целосна поддршка на Северна Македонија на нејзиниот европски пат. Сметаме дека ЕУ мора од поодамна да даде можност на Северна Македонија за нејзиниот напредок кон Унијата, тоа јавно сакаме да го кажеме и веруваме во заедничката европска судбина или приказна за целиот регион. Овој регион заслужува шанса и поддршка од целата Европска Унија, рече Вучевиќ, кој е во официјална посета на земјава.