Средба Ангеловска-Бежоска – Кристалина Георгиева: Задржана е макроекономската стабилност!

„И покрај глобалните предизвици, макроекономската стабилност и здравите економски фундаменти на нашата економија се задржани“.

Ова е заклучокот по состанокот меѓу директорката на Меѓународниот монетарен фонд – Кристалина Георгиева и гувернерката на Народната банка – Анита Ангеловска-Бежоска, но и министерот за финансии Фатмир Бесими, во рамки на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка, кои се одржуваат во Вашингтон, САД.

На состанокот со првиот човек на ММФ беше зборувано за глобалните ценовни притисоци, успорувањето на растот на светската економија, како и ефектите кои овие движења ги имаат врз одделните економии, вклучително и оние во развој.

Нарушувањата на глобалните синџири на добавување, како и повисоките цени на енергијата, храната и металите го поткопуваат опоравувањето на економиите во постпандемискиот период. Согласно пролетните проекции на Фондот, растот на светскиот БДП од 6,1% во 2021 година ќе успори на 3,2% годинава.

Овие очекувања во голема мерка се резултат на кризата во Украина и ефектите кои ги има истата во глобалните синџири на добавување.

Во насока на поддршка на економиите за справување со глобалните предизвици, од страна на Меѓународниот монетарен фонд се ставени на располагање повеќе линии за поддршка.