Србија и Северна Македонија ќе потпишат меморандум за соработка на заедничкиот европски пат

Ова го договорија на денешната средба во Белград во рамки на Отворен Балкан, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерката за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ.

Маричиќ по средбата изјави дека со задоволство се прифаќа идејата да се направи меморандум за соработка и тој да се надгради во контекст на новата методологија и кога Македонија ги започна преговорите, што ќе биде корисно и за двете држави, оти ако работиме заедно ќе можеме да напредуваме побрзо и да имаме подобри резултати за нашите граѓани.

– Македонија и Србија покажаа многу во реформите и решавањето на тешките прашања, и сметаме дека се покажавме како кредибилен партнер на Европската унија и покажавме солидарност со ЕУ, изјави Маричиќ на прес – конференцијата по средбата.

Тоа, како што посочи вицепремиерот Маричиќ, ни дава право да побараме да бидеме вклучени во решавањето на сегашните и идните кризи поврзани со енергетското снабдување, со снабдувањето со храна и струја.

-Сето ова се прашања кои се поврзани со опстојувањето на нашите граѓани во овој тежок период што ни престои. Бидејќи се покажавме како кредибилен партнер на ЕУ и очекуваме од неа да не вклучи во идните планови за решавање на овие проблеми за државите членки на Унијата, изјави Маричиќ.

Српската министерка Јадранка Јоксимовиќ рече дека им честитала на Македонија и Албанија за отворањето на преговорите за членство во ЕУ, и дека Србија „земајќи во предвид какви се таа политички барања имала кои го одолжиле нејзиниот пат, го разбира тешкиот пат што го измина Македонија и низ што се помина за да ја постигне целта.“

-Ние разговаравме и за бројни проекти финасирани од ЕУ во рамки на Европскиот инвестициски план за Западен Балкан, за гасниот интерконектор меѓу Србија и Македонија, што во овој момент е од исклучително значење за граѓаните и кои се предизвиците пред нас, изјави Јоксимовиќ.

Таа кажа и дека на Скопје му е понудена секаква помош во преговарачкиот процес со ЕУ и дека утре во рамки на политичкиот дел од Отвoрен Балкан ќе се одржат важни панели кои ќе се однесуваат на европските проекти, вклучително и на гасниот интерконектор меѓу Србија и Македонија, но и енергетските прашања и снабдувањето со храна.