Српските кошаркари се пласираа во полуфиналето на Олимписките игри во Париз откако ја совладаа Австралија со резултат 95:90.
Не им одеше се добро на избраниците на Светислав Пешиќ. Иако резултатот беше прилично изедначен во поголемиот дел од првата четвртина, Австралијците најдоа лесни решенија во нападот во последните минути, додека Србија се мачеше во извршувањето, а бројот на загубени топки и технички грешки беше голем. Првиот дел заврши со голема предност за Австралијците 31:17.
Големите проблеми на Србија продолжија и во втората четвртина, кога буквално се помина низ обрачот за Австралијците, па „кенгурите“ во еден момент имаа и 24 поени предност, беше 46:22.
Светислав Пешиќ со неколку тајм-аути успеа да ги смири своите избраници и да ги мотивира да се држат до договорениот план, а воедно одиграа подобра одбрана, па разликата на полувремето падна на 12 поени.
По 20 минути игра Австралија водеше со 54:42.
Србија во третата четвртина влезе како сосема поинаква екипа во однос на првото полувреме. „Орлите“ беа особено одлични во дефанзивниот дел од играта, па Србија до средината на третиот период направи серија од 9-2 и поведе (61:60), со што се врати од една од најдлабоките провали во историјата на Олимписките игри.
До крајот на третата четвртина Австралијците се мачеа, но најдоа неколку солидни решенија и по 30 минути беа во негатива од само два поени (67:65).
Во последните десет минути Пешиќ четвртината ја започна без Никола Јокиќ, што се почувствува во играта на „орлите“, но сепак резултатот беше тесен. На пет минути до крајот Србија имаше само еден поен предност (76:75).
Во самата завршница видовме вистинска драма, бидејќи во последните три минути резултатот беше 78:78. Нападите од едната и од другата страна се менуваа, а српската селекција се снајде најдобро во се. При резултат 81:80, на неполна минута до крајот, Пети Милс имаше напад за водство на Австралија, но со своето шесто последователно промашување всушност и даде можност на Србија да го заврши натпреварот.
На 10 секунди до крајот Василије Мициќ имаше слободни фрлања за плус три на Србија, но погоди само едно за два поени предност, а во последниот напад Австралија преку Милс израмни на 83:83 и го испрати мечот во продолжение.
Во дополнителните пет минути видовме и голема неизвесност, а двете екипи имаа водство. Австралија во последните две минути влезе со предност од 90:89, но по загубената топка на Милс и српскиот кош на другата страна, Србија поведе со 93:90. На 20 секунди до крајот Гиди и ја подари топката на Србија, која со слободни фрлања се одлепи на +5 и се пласираше во полуфиналето.
Најдобар кај Србија беше Никола Јокиќ со 21 поен, 14 скока и 8 асистенции, Богдан Богдановиќ имаше 17 поени, додека Австралиецот Пети Милс имаше најмногу поени, 26, а зад него беше Џош Гиди со 25 поени.