Србија го пушти извозот на зејтин кон Македонија, количина за 1 месец!
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство – Љупчо Николовски соопшти дека е донесена одлуката од Србија за извоз на два милиона литри зејтин од Србија. Таа количина, според него, ќе биде доволна за еден месец.
Можно е ако има потреба да се донесе одлука за увоз на дополнителни количини. Состојбите се следат, а комуникацијата со српските власти е континуирана, потенцираше Николовски.
Тој уште еднаш апелираше грѓаните да не стравуваат, затоа што зејтин има. Нема потреба, потенцира, домаќинствата да купуваат повеќе од она што им е доволно.
„Донесена е одлуката од српска страна за извоз. Два милиона литри зејтин од утре ќе бидат на располагање. Нема потреба од паника. Граѓаните да не се плашат и да не се грижат, има доволно зејтин за сите. Ова е прв увоз, веќе ја дизајнираме втората одлука зависно од потребите. Ова е одлука која се однесува за потребите од еден месец, но пред да помине тој период веќе се разговара за можности за дополнителен увоз“ – истакна Николовски.