Репрезентацијата на Србија имаше водство цели 38 минути, но на крајот загуби од „дрим-тимот“ на САД во полуфиналето на Олимписките игри со конечни 95-91.
Американците беа загубени на теренот скоро три четвртини, но одиграа најцврсто кога беше најпотребно и го срушија сонот на Србија за триумф над првиот фаворит.
Избраниците на Светислав Пешиќ експлодираа уште на стартот на мечот, сите играчи беа разлетани по теренот, играа цврсто во одбраната, но ги служеше и шутот. Богдановиќ и Јокиќ со рани поени покажаа дека дуелот нема да биде едностран, Србија заигра неверојатно добро и потпомогната од Мициќ и Аврамовиќ стигна до солидна предност по првата четвртина (31-23). Стив Кер повика тајм-аут во два наврати и се обиде да ги смири своите играчи, но малата паника во американскиот состав не запре тука.
Нашиот северен сосед продолжи со налетот и не им дозволуваше на Американците лесно да се вратат на вистинскиот колосек. Втората делница донесе подобра игра на „дрим-тимот“, од сите страни тројки погодуваше Стеф Кари (шест во првото полувреме), но на спротивната страна Алекса Аврамовиќ возвраќаше во неколку наврати.
Се разигра и Никола Јокиќ, подели важни асистенции, додека САД имаа големи проблеми во нападот и не можеа да се снајдат низ одличната српска дефанзива. Србија успеа да ја добие во своја корист и втората четвртина (23-20), а на паузата водеше со единаесет поени предност, 54-43.
Третата четвртина донесе ревија на тројки од двете страни. Стеф Кари беше неверојатен и стигна до осум тројки од единаесет обиди, но Србија возвраќаше преку Богдановиќ, Добриќ и Мициќ. САД во еден момент заиграа многу цврсто во одбраната и се вратија на седум поени негатива, но „орлите“ повторно „полетаа“ и со одлична серија ја вратија позитивата.
Салата еруптираше кога Марко Гудуриќ постигна тројка под фаул, а на крајот од третиот период резултатот гласеше 76-63. Куриозитет и историски момент, Американците никогаш во историјата не губеле по три одиграни четвртини на било кој меч од Олимписките игри. Никола Јокиќ во овој период веќе имаше „дабл-дабл“ од 11 поени и 10 асистенции.
„Дрим-тимот„ се разбуди на стартот од последната четвртина, додека Србите започнаа да грешат во нападот и направија неколку непотребни фаули. Предноста почна помалку да се „топи“, а со поените на Кевин Дурент и Девин Букер, САД се доближија на пет поени (78-73), по што следуваше тајм-аут на селекторот Пешиќ.
Сепак, силното темпо продолжи, во серија влезе Џоел Ембид, кој постигна шест поени во низа, додека Србија имаше проблеми и криза во нападот. САД успеаја да се вратат на само два поени, а потоа стигнаа и до егал, 84-84, на три минути до крајот. Никола Јокиќ имаше четири лични грешки и беше добро чуван од американските кошаркари.
Петрушев погоди за Србија, но потоа Стеф Кари повторно блесна со тројка и донесе минимално водство, а тука започна и малиот распад во играта кај ривалот. САД поведоа со 91-86, па на крајот успеаја да дојдат до пресврт и го заверија триумфот со конечни 95-91.
Најефикасни во победничкиот состав беа Стеф Кари со 36 поени и Џоел Ембид со 19, Леброн Џејмс имаше „трипл-дабл“, додека кај Србија најдобар поединец беше Богдан Богдановиќ со 20 поени, а Никола Јокиќ додаде уште седумнаесет. САД во големото финале ќе се соочат против селекцијата на домаќинот, Франција, во борбата за најсјајното одличје од кошаркарскиот турнир во Париз.