Србите на северот на Косово деветти ден протестираат на барикадите, а затворени се и премините Јариње и Брњак, под контрола на косовската полиција.
Мисијата на КФОР сè уште не одговорила на барањето за враќање на безбедносните сили на Косово, јави РТС.
КФОР соопшти дека има капацитет да обезбеди безбедна средина и слобода на движење за сите заедници, во согласност со неговиот мандат според Резолуцијата 1244.
Жалбата за притвор на екс косовскиот полицаец Дејан Пантиќ е одбиена, а на неговиот колега Слаѓан Трајковиќ судот во Приштина му одреди мерка притвор до 30 дена.
На почетокот на декември, Пантиќ заедно со другите колеги ја напушти косовската полиција во знак на протест поради одлуката на Приштина да ги пререгистрира возилата со таблички издадени во Србија.
Тој беше уапсен на 10 декември на граничниот премин Јариње и му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена поради сомнение дека учествувал во нападот во просториите на Општинската изборна комисија во северниот дел на Косовска Митровица.
Поранешниот косовски полицаец Слаѓан Трајковиќ беше уапсен во четвртокот и е осомничен за воени злосторства.