Третиот комитет на Генералното собрание на ОН вчера го усвои нацртот на резолуцијата за борба против глорификацијата на нацизмот, предложена од Русија. За нацртот на резолуцијата гласаа 112 земји, против беа 50, меѓу кои САД, Украина, Велика Британија, Германија, Канада и Македонија. 14 земји гласаа воздржано.
Комитетот го одобри нацртот на резолуцијата насловена како „Борба против глорификација на нацизмот, неонацизмот и другите практики кои придонесуваат за поттикнување на современите форми на расизам, расна дискриминација, ксенофобија и нетолеранција“. Со резолуцијата Генералното собрание би требало да изрази аларм поради ширењето на различни екстремистички политички партии, идеологии и групи од расистички или ксенофобичен карактер, вклучувајќи неонацисти и скинхед групи. Исто така, се осудува и секое негирање на холокаустот, како и секоја манифестација на верска нетолеранција или насилство.
Претставникот на Руската Федерација потсети дека Обединетите нации се создадени по победата над нацизмот и треба да се осигура дека историјата нема да се повтори. Иако резолуцијата се усвојува секоја година од 2005 година, феномените на кои се однесува текстот се влошија, рече тој, наведувајќи го порастот на исламофобијата и христијанофобијата. „Одобрувањето на овој документ не е само наша должност кон оние кои ги создадоа ОН, тоа е наша должност и кон идните генерации“, рече тој.
Вои документот се сугерира државите да преземат конкретни мерки, вклучително и во законодавната и во образовната област, во согласност со нивните меѓународни обврски за човекови права за да се спречи ревизијата на историјата и резултатите од Втората светска војна и негирањето на злосторствата против човештвото и извршените воени злосторства за време на таа војна.
Во Резолуцијата најостро се осудуваат инцидентите поврзани со глорификацијата и пропагандата на нацизмот, особено цртањето графити и цртежи со пронацистичка содржина на спомениците на жртвите од Втората светска војна.
Претходно на Третиот комитет беше предложен и амандман на руската резолуција според кој Русија наводно се обидела да ја оправда „територијалната агресија врз Украина со тврдење дека целта е ликвидација на неонацизмот“. Автори на амандманот беа Македонија, Албанија, Австралија, Јапонија, Гватемала, Либерија, Маршалските Острови, Нов Зеланд, Украина и Микронезија. Амандманот не се усвои.
На 27 октомври Генералното собрание на Обединети нации со мнозинство гласови усвои Резолуција со која се повикува на итно хуманитарно примирје во Појасот Газа. Македонија гласаше воздржано, а 120 земји го поддржаа воспоставувањето на примирје. Во Резолуцијата се осудуваат сите акти на насилство против палестинските и израелските цивили, како и терористичките и неселективни напади.