Според Османи, Мицкоски е политичар од 4-та лига: Со или без него уставни измени ќе има

Бујар Османи на неговото синоќешно интервју коментира дека Мицкоски е политичар од 4-та лига.

Портпаролот на ДУИ и министер за надворешни работи, Бујар Османи информира што се случувало во неговата партија после минатонеделниот услов на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени, доколку ДУИ излезе од Владата.

Османи откри дека минатата среда, кога беше лидерската средба, му се јавил на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, кој бил на состанок и не ја имал слушнато изјавата на Мицкоски.

-Му кажав дека Мицкоски прифаќа уставни измени, но има еден услов – ДУИ да биде надвор од Владата. Тој се насмеа и ми рече: Прифаќаме веднаш. И тоа е нормално, затоа што ние работиме со месеци, за да земјата оди напред. И кога видовме дека Мицкоски после сите протести смени став, ние се изненадивме и да бидам искрен, тука Мицкоски докажа дека е политичар од 3-та или 4-та лига, кој политиката ја гледа како игра со кибрити и не знае дека пред него стои Али Ахмети кој политиката не ја гледа како игра. Али Ахмети цел свој живот го има посветено на напредок на земјата во ЕУ, рече Османи во емисијата „Клик плус“.

Тој исто така објасни дека ДУИ е спремна да ја даде и позицијата Албанец премиер до избори ако Мицкоски го побара тоа.

-Сега се прават отстапки за доброто на сите. Ако Мицкоски ја побара позицијата премиер на Влада до избори, и за тоа сме спремни. Спремни сме да ја дадеме позицијата премиер на ВМРО-ДПМНЕ. Ова се историски времиња и затоа сме спремни на компромис кој води до решение, кажа Османи.

Во четвртокот лидерот на опозицијата го обелодени својот услов.

-Кога станува збор за уставните амандмани, рековме во ред, не е проблем да го прифатиме гласањето за тие, но да биде ефектот со одложено дејство. Околностите нема да се променат, амандманите нема да биде дел од новиот Устав, се до моментот кога Македонија не стане земја-членка на ЕУ. На тој начин го заштитуваме нашиот идентитет и на тој начин кажуваме дека нема да има дополнителни остапки кои ќе му наштетат на идентитетот, рече Мицкоски.