Споменикот на Ќосето ќе се постави во Горно Лисиче, усвои Советот на о. Аеродром

Советот на Општина Аеродром на вчерашната седница ја усвои иницијативата на советничката група на партијата Левица споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето да се постави на територија на општината, во паркот во Горно Лисиче. Иницијативата на советниците на Левица беше поддржана од советниците на ВМРО-ДПМНЕ.

За оваа иницијатива ќе треба да гласаат пратениците во Собранието и тие да ја донесат конечната одлука.

Според Левица, „Андон Лазов Јанев – Ќосето е македонски револуционер, современик и другар на Гоце Делчев и Јане Сандански кој пак е поврзан со Општина Аеродром“.

„Тој споменик без разлика која и чива власт го поставила е платен со народните пари и не заслужува фаќа прашина во некое депо на Градот Скопје и да биде камен на сопнување и играње пинг понг помеѓу институциите за дневно политички поени“, стои во соопштението на Левица.

Скопската градоначалничка Данела Арсовска пред неколку дена испрати барање до Општина Центар за враќање и на споменикот на Андон Лазов-Ќосето во тревникот пред комплексот судови во Скопје. Општина Центар го одби барањето со образложение дека нема надлежност во поставување на споменици и ја упати Арсовска да се обрати до Собранието..

Првично споменикот беше поставен во септември 2014 година пред зградата на Врховниот суд, но во 2018 година тогашниот градоначалник на Скопје од редовите на СДСМ, Петре Шилегов го отстрани.