Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски денеска биле во работна посета на Ресен, каде по средбата со раководството на ОВР Ресен, оствариле средби и со раководствата на полициската станица за граничен надзор „Маркова нога” и полициската станица за граничен премин и граничен надзор „Стење”, во рамки на серијата посети што ги реализираат во сите сектори ширум земјава како би се запознале одблиску со постигнатите резултати и секојдневните работни активности, но и со евентуалните проблеми во рамки на работниот процес.
Како што денеска соопштија од МВР; од страна на раководствата на овие две организациски единици при МВР, Бојмацалиев и Тасевски биле брифирани за поволната безбедносна состојба на македонско-грчката и македонско -албанската граница, особено за зелената граница што тие ја обезбедуваат.
– Со задоволство можам да информирам дека од страна на ракововодството на полициската станица „Маркова нога” немаме регистрирано кривични дела во овие два месеца, а 2023 беше завршена со пет кривични дела во делот на бесправна сеча на шуми. Во однос на Полициската станица за граничен премин и граничен надзор „Стење”, Бојмацалиев беше брифиран за намалениот проток на патници на јужната граница, а беше упатена и благодарност за набавката на глисер со кој се олеснува надзорот над Преспанското Езеро. Воедно беше истакнато дека и двете организациски единици имаат добра меѓусебна соработка,а одлична е соработката и со ОВР Ресен, како и тоа дека постапуваат по заеднички планови на СВР Битола, РЦ Југ и Запад, се наведува во соопштението од МВР.
Меѓу другото, станало збор и за планот за реконструкција на двата објекта, со цел обезбедување подобри услови за работа, а со тоа и повисоки резултати. Во делот на опремување, сите регионални центри за гранични работи се опремени со специјални возила за надзор во вредност од 10 милиони евра, а во наредниот период се очекуваат и осум дрона, по два за секој РЦ.