Спајиќ: Црна Гора е подготвена да го искористи историскиот момент и да влезе во ЕУ

Црна Гора е подготвена да го искористи историскиот момент и да се приклучи на Европската унија, а во тој процес треба да учествува целото општество, беше речено на денешната средба на премиерот Милојко Спајиќ со дипломатите од 27 земји-членки на ЕУ кои се на дводневна работна посета на Црна Гора.

„Добивањето ИБАР изгледаше како несовладлив предизвик за многу претходни влади. Успеавме заедно, со ваша поддршка. Знаеме дека ова е процес кој бара две страни и многу го цениме големиот придонес што ни го давате на дневна основа“ – рече Спајиќ.

Тој денеска во Подгорица ги прими членовите на Работната група на Советот за проширување на ЕУ (COELA), со кои размени мислења за напредокот што Црна Гора го постигна во преговарачкиот процес и натамошните обврски во насока на завршување на процесот и влез во ЕУ. Спајиќ рече дека добивањето ИБАР е само почеток.

„Знаеме дека ова е минималното ниво за влез во ЕУ. Не сме задоволни со тоа. Продолжуваме со бараните реформи во поглавјата 23 и 24. Можете да сметате на целосна посветеност на Црна Гора за владеење на правото, до самиот крај“ – изјави црногорскиот премиер, пренесува порталот „Подгорица данас“.