Спасовски: Aнгажманот на полицијата никогаш не застанува, одделот за насилен криминал беше максимално ангажиран во потрагата по Вања

Во денешното интервју во утринската емисија „Слободен печат“ на Слободна ТВ, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски беше дециден во неговиот став дека одредени одделенија при МВР биле максимално ангажирање во решавање на случајот со исчезнувањето на Вања, без разлика што во тој период се одржуваше и самитот на ОБСЕ во Скопје.

Во однос на шпекулациите дека целата полиција била таму ангажирана, па поради тоа не се успеало да се спречи случајот со двојното убиство, министерот истакна дека таквите шпекулации се крајно тенденциозни, имајќи предвид дека постапувањето на полицијата не почнува и не завршува со некаков настан, полициските службеници се постојано на терен извршувајќи ги задачите на единицата на која припаѓа.

„Ангажманот на полицијата не престанува со организација на еден настан. Организацијата на обезбедувањето на овој самит на ОБСЕ беше под директно водство на одделот којшто се занимава со таа активност, а тоа е Одделот за заштита на определени личности и објекти, со помош на криминалистичката полиција, Одделот за организиран криминал, Одделот за воздухопловни единици, сообраќајната полиција… Меѓутоа, сите други сегменти функционираат нормално“, појасни Спасовски, додавајќи дека во другиот случај, Одделот за насилен криминал при СВР Скопје и одделенијата за криминалистички работи беа максимално ангажирани за негово расчистување. Тој посочи дека двата случаи немаат никаква допирна точка и никако не можат да се доведат во корелација.