Спасовски со шпанскиот колега Гомез: Македонија е подготвена да биде домаќин на Министерскиот форум за правда и внатрешни работи

На маргините на Конференцијата во рамки на Берлински процес која се одржува во Тирана, Република Албанија, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оствари работна средба со својот шпански колега, министерот за внатрешни работи на Кралството Шпанија, Фернандо Гранде-Марласка Гомез.

На средбата беа потврдени традиционално добрите пријателски односи, а фокусот на разговорите беше ставен на организирањето на претстојниот Министерски форум за правда и внатрешни работи ЕУ-Западен Балкан кој во октомври се одржува во Скопје.

„Во оваа прилика би сакал да ја изразам подготвеноста на Република Северна Македонија по трет пат да биде домаќин на Министерскиот форум за правда и внатрешни работи ЕУ-Западен Балкан, којшто годинава се одржува на 26-27 октомври, во Скопје во согласност со програмата и приоритетите на ротирачкото Претседателство на Кралството Шпанија со Советот на ЕУ”, истакна министерот Спасовски, додавајќи дека со овој настан организиран на високо ниво ќе се реафирмира заедничката посветеност на европските перспективи на целиот регион на Западен Балкан, како и тоа дека форумот претставува одлична можност за креирање долгорочни партнерства, за зајакнување на регионалната соработка кон ефикасно справување со предизвиците и во постигнувањето на европските стандарди, се’ до полноправо членство во ЕУ.

Спасовски го информираше колегата Гранде-Марласка Гомез дека во јули во рамки на МВР формиран е Тим за организација со цел успешно реализирање на Министерскиот форум за правда и внатрешни работи ЕУ-Западен Балкан. „Тимот во МВР ќе делува како тело што ќе одлучува за сите аспекти на организација на настанот и преку претставници на надлежните организациони единици ќе дава задолженија за секој од нив зависно од делокругот на работа и надлежноста”, рече Спасовски.

Тој иницираше отпочнување на процедура за потпишување на билатерален договор за полициска соработка, предлог кој беше прифатен од страна на министерот Гранде-Марласка Гомез.

На крајот од средбата, двајцата министри ја потврдија заложбата за соработка, а министерот Спасовски се заблагодари за поддршката за зајакнување на земјите од Западен Балкан, во смисла на политичка, економска и социјална интеграција на регионот, со уверување дека Република Северна Македонија стои на располагање на шпанското Претседателство со Советот на ЕУ за сите активности во наредниот период. Притоа, Спасовски упати покана до шпанскиот колега Гранде-Марласка Гомез за посета на Северна Македонија, која со задоволство беше прифатена.