Спасовски: Со Законот за амнестија нема да се решат проблемите во затворите

Тој во гостување на дневникот на Македонската телевизија рече дека има многу јасен став по однос на ова прашање односно, дека треба промена на законско решение или носење на посебен закон којшто ќе овозможи амнестија на лицата треба да има некаква крајна цел. Спасовски вели дека ако целта е функционално да бидат растеретени казнено-поправните установи, тоа нема да се случи, затоа што според проценките на Агенцијата за извршување на санкции, станува збор за околу 260 лица и можеби за околу 400 лица кои би добиле намалување на казната.

„Имајќи го предвид бројот на лица кои се на издржување казна затвор и колку лица чекаат за извршување на санкцијата, може да се заклучи дека мора да се внимава околу стратешкиот пристап во однос на извршувањето на санкциите“, изјави Спасовски.

Како аргумент го посочува и фактот дека во првите осум месеци од годинава имало 500 повратници кои направиле нови кривични дела. Стратешкиот пристап, според Спасовски, се состои во градење нови затворски капацитети и ставање во функција на алките за пробација за да може дел од лицата да ја издржуваат казната во своите домови.

„Не е стратешки пристап и не е во интерес на безбедноста криминални лица да се наоѓаат надвор од казнено-поправните установи, на улица затоа што имавме еден таков случај на закон за амнестија кога за многу кратко време, за скоро три месеци, завршија повторно како повторници пред се, на кражби, тешки кражби, разбојништва, нарушувања на јавен ред и мир. Во тој правец сметам дека апсолутно нема да се постигне никаква цел“, рече Спасовски.