Спасовски: Северна Македонија е најадекватен пример во регионот за ефикасна меѓународна соработка во миграциите

„Зајакнување на миграцијата, азилот и управувањето со границите“ е темата на втората панел сесија во рамки на првиот ден од Министерскиот форум ЕУ – Западен Балкан што се одржува во Тирана, на кој учествуваше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Министрите учесници на овој форум, покрај проценката на ситуацијата долж Западнобалканската рута, дискутирале и за потребата од брзо усогласување на визната политика, напорите за зајакнување на капацитетот за управување со границите, подобрување на условите за прием и зајакнување на системите за азил, како и можностите за подобрување на соработката во борбата против криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе и зголемување на враќањето/реадмисијата на нерегуларните мигранти во земјите на потекло.

Еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон на сесијата изразила задоволство од неодамна потпишаниот Договор меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија. Министерот за внатрешни работи на Чешката Република, пак, во улога на земја претседавач со Советот на ЕУ, Вит Ракушан, упатил пофалби кон министерот Спасовски во однос на ефикасноста со која Република Северна Македонија го завршила преговарањето на договорот со Фронтекс и го финализираше и процесот на потпишување.

Од МВР додаваат дека Спасовски, осврнувајќи се на значењето од Договорот со ФРОНТЕКС, потпишан помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, ги претставил и состојбите со миграцијата во регионот.

-Во текот на 2022 година, илегалната миграција е актуелна закана со која се справуваат земјите во регионот и пошироко. Како и претходните години, Турција и Грција се земји на чии територии се стационирани голем број на мигранти. Способноста и капацитетот на Турција да управува со своите граници игра важна улога и за Источно-медитеранската и за Западно- балканската рута, бидејќи таа и понатаму е клучна земја која влијае на миграцијата низ Западен Балкан, како земја со голем број мигранти и клучна транзитна област помеѓу Јужна/Средна Азија и Европа. Аналитичките согледувања укажуваат дека миграцискиот притисок во регионот на Западен Балкан во текот на 2022 година е зголемен, особено на северните граници во регионот со Србија и во Австрија. Во Република Северна Македонија, спречени се 22.806 обиди за илегално преминување на границите или речиси пет илјади обиди повеќе во споредба со истиот период лани, подвлекол Спасовски.
Притоа нотирал дека споредено со минатата година обидите бележат пораст, но не и во однос на претходните години.