Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски запрашан за приклучувањето на СДСМ на проевропскиот фронт, рече:
„Еднаш и засекогаш мора да се одвојат прогресивните сили во државата визави сите оние кои што ја влечат државата назад, оние ретроградни сили, оние сили коишто не ѝ помагаат на државата да напредува. Така што не може да зборуваме само за фронт во којшто би биле само политичките партии. Не можат политичките партии да ја имаат ексклузивата на тоа дека би биле дел од фронтот, туку треба да бидат сите прогресивни граѓани, невладини организации и интелектуалци, секој еден којшто смета дека на било каков начин може да придонесе за да напредува државата е дел од тој проевропски фронт и тоа е идеја или визија за која што сите ние треба да се бориме, тоа е нешто што е прифатливо за сите нас. Веќе прашање на техника е како ќе се настапува на изборите. На еден или на друг начин, важна е крајната цел. А крајната цел е прогресивните и проевропските сили, тие коишто имаат визија за државата, тие да ја водат државата”, истакна Спасовски, додавајќи дека СДСМ е една од најпрогресивните партии, партијата која што била на власт кога биле донесени сите важни чекори за напредокот на државата.
„СДСМ е стожер на европскиот фронт. Таа е водечка политичка сила во државата кога станува збор за проевропскиот блок и СДСМ е таа околу која што ќе се собере европските фронт”, беше категоричен Спасовски.
На прашањето, пак, дали СДСМ е посилен со Зоран Заев или без него, Спасовски истакна:
„Неминовно е дека визијата на тогашниот претседател на СДСМ, а понатаму премиер на Македонија, во којашто се отвори општеството за сите граѓани, визијата дека Македонија мора да се гради како општество со еднакви можности за сите – визија која што не само што ја иницираше, туку ја заживеа и на дело ја постави како принцип на владеење и на градење на македонското општество – Зоран Заев – и тоа е факт кој не може никој да го избегне во овој момент. Инаку, за напредокот и на СДСМ и на државата се сите потребни, најмногу оние кои најмногу дале за државата, а Зоран Заев е еден од тие”, рече министерот Спасовски.
Во однос на тоа што името на Спасовски се споменува како можен кандидат за претседателските избори следната година, министерот за внатрешни работи беше запрашан околу личните амбиции овие претпоставки да станат реалност.
„Ова е период во којшто има многу предлози, многу мислења, многу видувања, многу инцијативи и така натаму, тоа е легитимно во една демократска дебата којашто се води. Јас сум насочен сега исклучиво кон остварувањето на моите цели и визија во Министерството за внатрешни работи, а за сите прашања ќе се отвори дебата, пред сѐ во партијата, па понатаму во целиот тој проевропски фронт. За мене што е важно?! За мене е важно тој проевропски фронт да ја добие довербата на граѓаните. За мене е важно тој што ќе биде претседател на државата, на Владата што ќе се формира, да бидат насочени кон остварувањето на нашата јасна визија за членство во Европската Унија. Така, за сите овие прашања се разговара и тоа е многу легитимно, многу демократски да бидат отворени. Вакви прашања имаме на ваква дебата. Јас очекувам дека ќе донесеме најдобри и најмудри одлуки во интерес на граѓаните на државата”, рече министерот Спасовски.