Македонскиот министер за внатрешни работи – Оливер Спасовски на Фејсбук напиша дека е приведено лицето кое го подметнало пожарот во Културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола. Спасовски напиша дека стотителот го признал делото.
„Се работеше деноноќно да се изнајде сторителот, се земаа предвид сите докази, а по извршените службени разговори во изминатите денови, вчеравечер, со судска наредба, беше извршен претрес на две локации кои ги користи Л.А.(34) од Битола, при што се пронајдени и одземени предмети поврзани со кривичното дело, по што лицето е лишено од слобода“ напиша Спасовски.
Тој потенцираше дека „уште еднаш покажавме дека единствената моќ што ја има секоја правна држава е моќта да го сузбие криминалот. И во овој сегмент нема „пардон“, нема заштитени лица – сите се еднакви пред лицето на законот, а секој којшто се огрешил – мора да одговара!“.
Инаку, шпекулациите кои од утринава се појавија дека приведен како подметнувач на пожарот е познатиот македонски пејач Ламбе Алабаковски добија потврда.
Од СВР Битола за „САКАМДАКАЖАМ.МК“ потврдиле дека Алабаковски е осомничен за палењето на клубот во Битола.