Министерот Оливер Спасовски на Сител тв на прашањето до каде е истрагата за лажните пријави за наводно поставени бомби во скопските средни училишта, соопшти дека пораките се пуштени од странство.
„Пораките се пуштени од надвор од државата. Имаме сериозни индиции за тоа како се одвива целиот тој процес и во тој дел навистина работиме максимално посветено, со помош на нашите партнери, се со цел да ги прекинеме овие монструозни чинови кои предизвикуваат вознемиреност кај граѓаните” – објасни Спасовски.
Тој потенцираше дека сите капацитети на безбедносните служби, од почетокот на мандатот на ова раководство на МВР, се посветени кон сериозна заштита на сите граѓани на државата во сите сегменти, меѓу кои и во сајбер безбедноста, која во денешни услови исклучително доаѓа до израз.
„Вие знаете дека имаше обиди за напади врз институциите, хакерски напади врз неколку институции во државата. Дури и при спроведувањето на пописот имаше сериозен хакерски напад на целиот систем којшто практично работеше во делот на спроведување на пописот, на неколку од министерствата итн. Тоа покажува само колку е потребно во делот на сајбер безбедноста да се преземат сите мерки и таа сајбер безбедност да ја зголемуваме преку јакнење на капацитетите материјално-технички, меѓутоа и на човечките ресурси”, истакна Спасовски.
Тој не очекува инциденти на утрешното отворање на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград.
„Генерално имаме одлична соработка со сите безбедносни служби и министерства од регионот. Постојат информации и податоци и се прават проценки околу евентуален ризик“ рече Спасовски.