Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски попладнево повторно упати апел до граѓаните, но и до политичките субјекти, коишто сакаат да ги искажат својот став преку протест, тоа да го сторат на мирен начин.
-Би сакал да упатам апел до вас, граѓаните, но и до политичките субјекти, коишто сакаат да ги искажат својот став преку протест, тоа да го сторат на мирен начин. А бидејќи владеењето на правото и демократијата се меѓусебно поврзани и условени, би сакал уште еднаш да потсетам дека секој јавен собир (протест), согласно закон, мора да биде уредно пријавен. Притоа, освен известувањето за блокадите од 08.07.2022, кое беше доставено како акт до МВР истиот тој ден, иако според Законот за јавни собири треба да се достави најдоцна 48 часа пред почетокот на одржувањето, ниту еден од протестите во изминативе неколку денови не беше уредно најавен и пријавен, туку организацијата течеше преку социјалните мрежи, иницирана и водена од неколку политички партии, напиша на Фејсбук Спасовски.
Министерот посочи дека отсуството на организатор, односно неговото формално необзнанување не може да претставува алиби за насилството врз виталните објекти на државата и врз полициските службеници кои вршат службени дејства во заштита на безбедноста на граѓаните и институциите на системот, како што ни ненајавениот протест не може да биде покритие за непреземање на одговорност за овие насилни протести, во кои беа повредени 54 полициски службеници, а 23 лица се приведени.
-Ја користам оваа прилика да ја известам јавноста да биде спокојна – МВР останува во служба на граѓаните и нема да дозволиме протестите да бидат злоупотребени за разгорување на меѓуетнички тензии. Полицијата постапува согласно добиените оперативни сознанија и ќе биде распоредена на соодветен начин согласно потребите. Воедно, би сакал да упатам порака и до креаторите на тензии – не злоупотребувајте го правото на протест на граѓаните за создавање на ваша, деформирана слика во јавноста. Нечесно и недостоинствено е да се злоупотребуваат граѓаните како параван за неоправдано насилство во исклучиво политички цели, напиша министерот за внатрешни работи.
Тој посочи дека чинот на насилство нема оправдување. – Ние како држава сме горди на цивилизациската придобивка на протест, а токму мирните протести се есенцијален дел на една демократија. Апелирам да се практикува мирен протест, како дел од дијалогот. МВР продолжува да ги штити уставните права и да ја обезбедуваме сигурноста на сите граѓани, напиша Спасовски на Фејсбук.