Спасовски за случaјот Онкологија: Се водат финансиски истраги за седум лица

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во вечерашното гостување во дневникот на Сител информира дека за случајот со Онкологија во моментот се водат финансиски истраги за седум лица, но како што рече, тоа не значи дека тие се осомничени.

Запрашан за скандалот на Клиниката за Онкологија, посочи дека бројот на лица кои се под финансиска истрага не мора да биде конечен, како и дека не може да открие за какви профили станува збор.

-Знам дека тоа е тема којашто предизвикува внимание во јавноста, меѓутоа многу е важно до крај да се завршат работите и на основа на сѐ што ќе се обезбеди како доказ, да се именуваат тие кои се виновни во овој случај, да се изведат пред лицето на правдата и секако да се оттргне вината, генерално, од лекарската фела, истакна Спасовски.

Во однос на материјалите коио се одземени, тој информира дека се уште се на вештачење.

-Вештачењата треба да ги покажат сите аргументи, сите факти, сите докази во целата таа постапка и на основа на тоа што ќе биде од вештачењата, доказите коишто ќе бидат понудени, секако дека ќе се носи одлука во Јавното обвинителство, потенцираше министерот Спасовски.

Тој објасни дека  во интерес на истрагата, засега јавно не може да каже ништо повеќе од тоа што веќе го има кажано пред Анкетната комисија.

-Секогаш е најдобро кога истрагата се води во институциите, а кога ќе дојде момент за соопштување во јавноста, тоа да го направиме. Инаку, апсолутно не е целисходно ние сега да излегуваме во јавноста, да шпекулираме, да нагаѓаме – тоа само ќе му штети на овој процес. Работиме заедно со Јавното обвинителство, интензивно, врз основа на планот што го правиме, тој план може да доживува промени во текот на постапката, а нашата цел е најбрзо можно да се завршат овие постапки и на крај да резултираат со очекувањата, рече Спасовски.