Министерот за внатрешни работи – Оливер Спасовски на Денот на полицијата – 7. Мај беше гостин на тв Сител.
Го прашаа дали со прегазувањето на 24 годишната девојка на булеварот „Партизански одреди“ и убиството на ракометарот Денис Тот во Градскиот парк се разниша довербата на граѓаните во полицијата. Тој вели дека вакви настани се случуваат во секоја држава.
„Секако дека работи доволно МВР на превенција. Нема држава во која не се случуваат вакви настани. И знаете кога зборуваме за скандали и афери кои се случуваат мора да се вратиме на времето во 2017 година кога масовно се прислушуваа луѓе, кога имавте убиство на Мартин Нешкоски од полицаец скриен од политичката елита во државата, кога ни се случија настаните на 27 април кога се влезе за да се убијат новинари и пратеници тоа се скандали, овие настани се настани кои се случуваат во секоја држава. Нормално е дека ние треба да преземеме мерки, превентивно да делуваме, да јакне јавната свест кај сите. Не само кај полицијата туку и генерално во општеството“ рече меѓудругото министерот Спасовски.