Спасовски за опожареното Ауди на Груби: Не е ниту прво ниту последно со недозволена сигнализација

Во возилото кое беше опожарено пред домот на првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби имало поставени светлосни сигнализации и тоа нe е ниту прво, ниту, пак, последно возило во кое недозволено има таква сигнализација, рече денес министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

„Сите факти се доставени до Јавното обвинителство и се што ќе се утврди за овој случај ќе се процесуира понатаму“, рече Спасовски во одговор на пратеничко прашање на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања.

Тој рече дека МВР веќе има отворено оперативна акција за контрола на звучни и светлосни сигнализации и за затемнување на прозорци за оние кои немаат право на тоа, која трае веќе неколку години.

„Факт е дека најголемите мангупи во сообраќајот се токму носителите на функции не бирајќи ни политички партии нити функции ниту, пак, било што друго. Првите флешери ќе ги видите ако влезете во Белата палата, но постојат и во другите политички партии. Апелирам сите заедно како политичари да бидеме пример за луѓето и пример за одговорност“, потенцира Спасовски.

Посочи дека на сите министри во Владата им е укажано кој има право да користи светлосни и звучни сигнализации и додаде дека тоа може да го користат само тие кои се обезбедуваат и се во придружба со полиција.

„Ниту еден друг не смее да има вакви светлосни и звучни сигнализации во своите возила“, рече Спасовски.