Спасовски за бегството на Груби: „Батериите“ на камерите од „Блаце“ не можат да бидат причина за вакво неодговорно однесување на МВР
-Секако дека случајот треба да биде целосно расчистен и да се утврди одговорноста, но не само кај полицајците туку и кај нивните претпоставени, како и да се утврди евентуалната политичка одговорност, истакнува Спасовски.
Екс-министерот за внатрешни работи и актуелен координатор на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски бара целосно расветлување на случајот со бегството на поранешниот вицепремиер, Артан Груби и лоцирање на одговорноста за пропуштањето на граничниот премин „Блаце“.
-Секако дека случајот треба да биде целосно расчистен и да се утврди одговорноста, но не само кај полицајците туку и кај нивните претпоставени, како и да се утврди евентуалната политичка одговорност, истакнува Спасовски во изјава за „Локално“.
Според поранешниот прв полицаец во државата, јасно е дека „батериите“ на камерите на гп „Блаце“ не можат да бидат причина за, како што вели, вакво неодговорно и противправно однесување.
-МВР мора да даде одговор дали системот бил функционален и дали работел видео надзорот што е многу лесно проверливо, посочува Спасовски.
Дел од јавноста смета дека бегството на Груби е договорена работа меѓу владејачките партии, на што екс-министерот на полицијата посочува дека мора да се расчистат сите дилеми.
-Доколку не се расчистат сите дилеми и не се утврди одговорноста, секако дека сомнежот и недовербата ќе остане, дециден е Спасовски.