Ниту Град Скопје, ниту ЈП „Комунална Хигиена“ не ги пријавиле во полиција вработените за кои рекоа дека биле трајно иселени во Германија, а со години чекале „џепарлак“ од претпријатието оти биле пријавени дека доаѓаат само трета смена. Ова синоќа во ТВ гостување го потврди министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
На прашањето „дали е пристигната пријава до МВР за лица кои земале плата а не оделе на работа“, Спасовски одговори:
„Вакава пријава за конкретниот случај нема пристигнато. Имаше пријава за блокадата во претпријатието и таму каде што беа исполнети условите за да се одблокира и да може да работат работниците на „Комунална хигиена“ тоа го направивиме. Мене ми е многу жал што се доведовме во состојба, денеска, во 2023 година, да разговараме дали Скопје треба да тоне во ѓубре или не.“
Вчера и од обвинителството кажаа дека нема ваква пријава. Скопското Обвинителство посочи дека пријавите од Косана Мазнева биле само за случувањата со бојкотот во претпријатието и несобирањето смет. Од таму ја повикуваа Мазнева, доколку забележала незаконитости, да ги пријави.
За една недела, директорката на Комуналец, Косана Мазнева, избрка 70-ина луѓе од работа, а минатиот викенд протестираа вработените и не го собираа ѓубрето низ главниот град. Во понеделеникот, на прес-конференција, градоначалничката се караше со новинарите, вработените во КХС ги нарече мафијаши и побара на Мазнева да и речеме „браво“, а не да ја прашуваме зошто после година од стапувањето на функцијата, дури сега постапува за овие лица. И двете тогаш рекоа дека овие лице ги пријавиле и во МВР и во обвинителство, но не сакаа да кажат кои се тие луѓе со име и презиме, оти тоа било личен податок.