Оливер Спасовски – македонскиот министер за внатрешни работи за ТВ21 изјави дека му било чест што бил соработник со веќе поранешниот лидер на СДСМ и екс-премиер – Зоран Заев.
-„Мора да признаеме сите, и тоа е историски факт за сето она што го направи Зоран Заев и како лидер на опозицијата во тој момент, и потоа како претседател на Владата. Направи многу храбри исчекори, се донесоа многу важни одлуки за иднината и за државата. Ми беше чест што бев соработник на Зоран Заев. Секогаш носеше одлуки кои се храбри и визионерски, и кои што не можеа да ги разберат многу од граѓаните, но одлуки кои се покажаа како исправни“ – рече Спасовски.
Прашан дали се гледа во новата Влада, тој смета дека не треба да биде дел од тимот на новиот претседател на СДСМ – Димитар Ковачевски затоа што се потребни нови луѓе со нови визии.
„На новиот претседател треба да му се даде можноста како што ја превзема одговорноста да биде лидер на партијата, да му се даде полно право во изборот на неговиот тим. Тој избор треба да го направи од нови луѓе, и затоа сметам дека не треба да бидам дел од новиот тим, се со цел да не го обременуваме ниту претседателот ниту новиот тим“ рече синоќа Спасовски.