„Градењето на политики кои значеа отворање на перспективи на државата, како Преспанскиот и договорот со Бугарија беа премногу злоупотребувани во јавноста како нешто што не е потребно на државата“ рече Оливер Спасовски во „Клик плус“ на ТВ21.
Тој додаде дека критиките биле во насока на тоа дека државата не мора да ги отвора перспективите и да се помирува со соседите, бидејќи сме си доволни сами на себе.
„Факт е дека партијата која победи на изборите, ВМРО-ДПМНЕ, имаше постојано став дека и единиот и другиот договор не се потребни на државата и тој концепт на ВМРО-ДПМНЕ ја доби потребната поддршка од граѓаните“ рече Спасовски.
Поранешниот министер за внатрешни работи рече дека очекува концептот кој добил поддршка на изборите да репреговара со Бугарија и да донесе нов договор, а исто така и да репреговара со ЕУ за да донесе нова преговарачка рамка, бидејќи тоа беше основата на целото делување на ВМРО-ДПМНЕ.
„Јас сум убеден и сега дека нема да се случи репреговарање на Договорот со Бугарија, ниту менување на рамката со ЕУ. Но, концептот на ВМРО-ДПМНЕ кој значи репреговарање на договорите и преговарачката рамка со ЕУ е концептот кој ги доби изборите. Тоа веќе не е прашање на претходната влада, туку на идната. Очекувам дека овие прашања ќе бидат на дневен ред и дека за нив ќе се отворат дебати и во Собранието и во јавноста“ рече Спасовски.