Спасовски: Грозоморно кривично дело без преседан, сочувство до семејствата

„МВР во текот на изминатата ноќ го расчисти случајот, откако вчера се добија информациите.

Иако за жал разрешницата не не доведе до исходот кој го посакувавме, лицата беа пронајдени убиени и закопани, едното во околината на Скопје, другото во околината на Велес.

Грозоморно кривично дело без преседан. Во врска со двата случаи осомничени се 5 лица, за три е одредена мерка притвор, едно лице е надвор од државата, а за таткото на малолетничката, тој е приведен, извршен е распит и ќе се преземаат мерки по насоки на ЈО.

Мотивот е користољубио, при што едно од лицата, со знаење на член на семејството, го извршил делото, со цел да се изнудат пари од мајката на девојчето.

Со возилото на велешанецот е земена малолетничката од влезот на живеалиштето, откако таткото споделил информација за времето на нејзиното излегување сама од дома.

Главен организатор и извршител, со пиштол на 27 ноември ја усмртил малолетничката, исплашен од доказите до кои може да дојде полицијата. Можам да ветам дека ова лице, овој монструм на кој му ја следиме трагата, штом стапне на наше тло, ќе биде изведен пред лицето на правдата“.

Ова меѓудругото го изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на прес-конференцијата која е во тек.