Со фалсификувани документи вработен во „Национални шуми“ заработил над 100.000 евра

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе кривична пријава против Ѓ.Д.(45) од Берово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување на службена исправа“.

Пријавениот, референт во подружница Шумско стопанство „Малешево“ – Берово при Јавното претпријатие „Национални шуми“, во периодот од 23.4.2021 до 15.6.2022 во 63 наврати во испратници за превоз на дрвна маса внесувал лажни податоци.

„Тој бил задолжен при секој транспорт да пополни четири испратници со ист сериски број, но наместо тоа двете од нив ги пополнувал и издавал на превозникот, по што го задолжувал да му ги врати по реализацијата на транспортот, а на останатите две испратници впишувал нереални и лажни податоци со помала количина на дрвна маса од реално издадените испратници, со различни имиња на превозници, адреси, вид, сортименти на дрвна маса за разлика од другите две испратници, потпишувајќи се во име на превозникот. На тој начин тој се стекнал со противправна имотна корист од 6.198.278 денари“, велат од МВР.