Вандализам е направен во Градскиот парк во Битола кога со самолеплива лента е покриено бугарското знаме на информативната табла поставена до новиот болдер – ѕид за качување со трибина. Оставено е да се гледаат само македонското и знамето на Европската унија, пренесува „Независен“.
Првиот болдер – ѕид за качување со трибина поставен во Градскиот парк е направен со финансиска поддршка на Министерството за надворешни работи на Бугарија и Генералниот конзулат во Битола.
Свеченото отворање беше на 3 јуни, но ова утро, на информативната табла поставена неколку метри до ѕидот со самолеплива лента е покриен текстот за бугарскиот донатор, нивното лого, како и бугарското знаме.
Покриен е текстот на кој пишува дека е „Бугарска помош за развој на министерството за надворешни работи преку Генералното конзулство на Република Бугарија во Република Северна Македонија Битола- 2022-2023 година“. Покриено е логото на Бугарска помош за развој и знамето на Република Бугарија.
Оставено е да се чита само текстот кој информира за проектот изведувачот како и знамињата на Македонија и на ЕУ.