На 28 декември во Драмски театар Скопје ќе се одигра премиерно претставата „Падот на Масада“, според текст на Венко Андоновски, а во режија на Дејан Пројковски. Ова е последната премиера во Драмски театар во Скопје за годинава.
Ова е претстава која поставува едно вечно прашање, а тоа прашање се сведува дали идеите вредат да се положи живот за нив или не.
На таа тема се пишувани многу дела. Јас се трудев преку неколку историски пресеци, да покажам примери на масовно и единечно самоубиство, дури и кога е единечно направено е поради колективни причини. Треба сериозно да размислиме дали идеите го заслужуваат нашиот живот, кажа денеска на прес-конференцијата Андоновски.
Режисерот Пројковски кажа дека во текот на подготовката на претставата се обиделе да ги преипитаат сите прашања и дилеми кои што ги отвора овој текст.
Концептот за оваа претстава е базиран на тоа, дека театарот и сцената се клуч за патување низ времето и просторот, и од друга страна секогаш сите општествени системи и промени многу полесно и поедноставно да се тестираат на сцена, рече Пројковски.
Претставата има шест сцени, но, како што кажа актерката Јелена Жугиќ, како да работеле шест претстави. Петте актери играат по неколку различни улоги во претставата и тоа, за нив, како што кажа Жугиќ, барало максимална посветеност, ангажирност и фокусираност.
Актерот Филип Трајковиќ говорше за тоа како тој го толкува текстот на Андоновски.
Текстот е за тоа дека сите чекаме подобри времиња, а времето си врви, не чека никого. Па си велам, може сега ние треба да ги правиме времињата“, рече Трајковиќ.
Улогите ги толкуваат: Јелена Жугиќ, Емилија Мицевска, Филип Трајковиќ, Рубенс Муратовски и Александар Степанулески.
Дамјан Димовски е асистент на режија, сценографијата и костимографијата се на Валентин Светозарев, а музиката на Горан Трајкоски.